Кога станува збор за книги и деца, мислам дека тоа е една посебна љубов и конекција која што децата ја имаат со книгите.
Конекција која што има огромна вредност и бенефит за детето. Книгите им помагаат на децата да ја развијат својата имагинација, својата креативност. Книгите ја будат љубопитноста кај децата. Децата преку книгите учат да зборуваат. И ред други работи.
Јас на Ема почнав да ѝ читам уште кога имаше 6 месеци, а пред првиот роденден таа почна и сама да покажува огромен интерес за книгите. И денес мислам дека книгите ѝ се најкористени низ дома.
Дури благодарение на нејзината огромна љубов кон книгите, почнавме и ние повеќе да бидеме свесни за моќта на книгите и повеќе да читаме книги, нешто што за жал го имав лично јас заборавено.Преубава навика која што полека но сигурно си ја враќам.
И искрено, јас повеќе сакам да инвестирам во некоја интересна и иновативна книга, отколку во некоја играчка за која што меракот ќе ѝ помине за многу брзо и кратко време.
Па затоа секогаш кога некој ќе сподели некоја интересна книга веднаш ја запишувам и гледам веднаш да си ја набавам.
Знам колку книгите имаат огромна вредност за многу мајки и колку сите бараме некоја нова и интересна книга. Па затоа ги споделувам нашите сѐ со цел да откриете некоја нова книга која што можеби ја немате.
Дефинитивно број 1 книга за Ема е Девојче и Мече од Ване Костуранов. Истата можете да ја најдете во Литература. Доколку ја немате, најтопло ви ја препорачувам да ја земете.
Многу често знам да купам и книги на англиски јазик па истите да ѝ ги преведувам на македонски додека ѝ читам.
Изборот е многу поголем и има книги коишто навистина се доста интересни и интерактивни и децата можат да научат многу од истите. А и илустрациите се дефинитивно многу подобри во странските книги. Многу повеќе се вложува во самата литература за деца и јас многу го ценам тоа. Се најмуваат стручни илустратори и целиот тој процес е навистина макотрпен.
Who lives in the countryside и Who lives in the woods се звучни книги кои што мислам дека секој треба да ги има. Благодарение на нив Ема научи многу звуци од животните. А и многу ми се допаѓа фактот дека имаат тврди страни, па така потешко се уништуваат и се доста погодни за помалите дечиња.
My First Library-Baby Animals, еден сет кој што содржи 8 книги, и сите се доста мали и погодни за држење уште за помалите дечиња. Исто така имаат тврди страни, па речиси воопшто не се кинат. Сеуште омилени на Ема.
Where’s Spot? уште една интерактивна книга со прозорчиња за отворање. Една од омилените на Ема. Каде што детето треба да го бара кучето Спот.
If I were a bunny … купена од амазон. Но за жал многу често се распродава. Инаку носат достава до Македонија. Дефинитивно книга која што вреди. Тврди страни, touch & feel книга, со брзна и лесна содржина.
Poppy and Mozart дефинитивно после Девојче и Мече оваа е број 2. Музичка книга со класични мелодии на Моцарт. Оваа мене лично ми е омилена ?. Ема ја ОБОЖАВА. Мислам дека дневно по 20 пати ја чита. И дефинитивно благодарение на оваа книга Ема ја засака клсичната музика. Ако треба да изберам една од сите овие книги која што е must have тогаш тоа е оваа. И стига за 1 месец од book depository. И имате бесплатна достава.
Stephen the sprout of kindness книга преку која детето се учи за вредности како љубезност, како да бидеме добри со другите секогаш и да им помагаме. Јас ја купив од Литература, но не сум сигурна дали ја има сеуште.
Три шарени јајца и една лоша маца голем хит. Римата внатре е прекрасна. Дефинитивно една од подобрите македонски книги кога станува збор за рима и текст. И има еден дел кој што јас ѝ го пеам како песна и Ема го обожава.
Sвезденото дете на Ване уште еден голем хит. Особено за оние деца коишто сакаат ѕвезди и месечини. Одлична и поучна приказна.
Бајки од Македонија, Прекрасна книга со прекрасни илустрации. И илустраторката е македонски автор, моја колешка.
Најубавите басни од Езоп, преубаво издание.
Срцето и шишето, уште една прекрасна книга.
Мечето Ушко книга која што многу ми е препорачана од една супер мама ?. Истата која што ми ја препорача Poppy and Mozart, така што веднаш ја нарачав додека го пишував постов. Може на FB на Темплум да им пишете, и така да нарачате.
Касни-порасни ми е следната книга за купување. Има огромна сентиментална вредност за мене и моето детство, а верувам и за многу други мајки.
Преку литературата децата го збогатуваат своето знаење, не само што ги учат првите предмети преку книгите, туку и сознанијата за себе и за животот.
Затоа е доста битно да се создаде таа љубов кон книгата и кон читањето, а со тоа треба да се започне уште од најрана возраст. Кога детето ќе почне да осознава повеќе за својот свет може да почне да му се чита.
Доколку ја немате изградено таа навика навистина би сакала да ве охрабрам да го направите тоа со вашето дете.
Како и за сѐ друго, потребно е време да се создаде нова навика, но и многу упорност.
Некогаш е доволно и еден параграф во денот да се прочита.
Огромно богатство се книгите за децата, верувам дека многу мајки ќе се согласат со мене. И јас уживам да и читам на Ема.
Тоа ни е една од рутините за спиење во која што и двете уживаме.