Оваа здрава торта од моркови е совршената торта за престојниот празник Велигден.
Јас сум огромен љубител на торта од моркови да бидам искрена, и ова беше совршениот период да ја направам.
Овој пат барав нешто што е доста поздраво, а во исто време брзо и лесно за правење. Откако го видов триков со жолтиов крем наместо жлаг, и декорацијава со маргаритки кај Laurel, знаев дека веднаш морам да го направам истото и јас. Ептен ме освоија на прв поглед.
Целосниот рецепт го имате тука. Јас малку го изменив и не додадов некои работи, а кремот за одозгора е нешто што експериментирав и излезе искрено супер.
1/2 шоља стопено кокосово масло
3 шољи бадемово брашно *
1 лажица сол
1 лажица прашок за пециво
1 лажица цимет
1 1/2 лажица прехрамбена сода
5 големи јајца
1 шоља кокосов шеќер
1 лажица течна ванила
5 средно големи моркови рендани
3/4 шоља ореви ситно сецкани
За кремот
20 гр путер несолен
400 гр грчки јогурт
1 лажица течна ванила
2 лажици мед (по желба може повеќе)
Куркума по желба за боја
Чекор 1
Загрејте ја рерната на 170 степени
Чекор 2
Во еден сад измешајте ги сите суви состојки. Брашното, циметот, солта, содата, прашокот за пециво.
Чекор 3
Во друг сад искршете ги петте јајца и додадете го шеќерот и матете со миксер.
Тука е битно да матите од 5 до 7 минути и смесата да нарасне минимум три пати во волумен. Ова е клучно поради бадемовото брашно.
На крајот додадете ја течната ванила.
Чекор 4
Во трет сад додадете ги изренданите моркови, оревите и кокосовото масло.
Чекор 5
Намалете ја брзината на миксерот, па полека додавајте ги сувите состојки во садот со изматените јајца, па на крајот додадете ја смесата и со морковите од третиот сад.
Чекор 6
Поделете ја смесата во два округли плеха за печење и печете на 170 степени 30 до 35 минути.
После извадете ги плеховите и оставете тортата целосно да се излади.
Чекор 7
Во сад измешајте ги сите состојки за кремот. Додадете постепено куркума за да ја добиете посакуваната жолта боја.
Чекор 8
Ставете го едниот дел од тортата на подлога и одозгора намачкајте со кремот. Додадете го одозгора и другиот дел од тортата и повторно премачкајте со кремот.
За декорација јас користев маргаритки.
* Доколку немате купечко многу е лесно да го направите самите. Се што ви треба е 2 1/4 шољи бадеми несолени, 1 лажица сол, 1 лажица сода, 1 лажица прашок за пециво. Додадете се во блендер или процесор за храна и пулсирајте додека не добиете брашно.
** Доколку сакате можете целата смеса да ја преполовите и да направите само една торта само со крем од горе.
Уживајте ??