Пред да почнеме со овој рецепт би сакала да ја споделам плејлистата што моментално ми свири и што ја слушав додека ја спремав оваа прекрасна галета 🙂 буквално ве телепортира некаде во некое Starbucks Coffee. Се надевам дека ќе уживате и во вкусот и во музиката подеднакво како што уживам јас.
Опционално, пуштете ја истава плејлиста доколу ја правите оваа галета.
Во ред, па да почнеме.
Изгледот на овој колач ме освои уште од пред многу години, но да бидам искрена до сега имав многу неуспешни обиди за здрава верзија на галета и многу ми беше криво.
Но книгата на Sweet Laurel го имала совршениот рецепт и конечно ми е многу ама многу мило што успешно направив галета. Малку го модификував нејзиниот рецепт и од почит спрема авторката, ќе си го напишам мојот. Да напоменам ова е без глутен, без млечни производи АМА е ПРЕВКУСНО, а замислете здраво.
За овој рецепт ќе ви бидат потребни:
ЗА ФИЛОТ
2 до 3 крушки, излупени и исечени на парчиња
1 лажица исцеден лимон
1 рака изблендирани бадеми на крупно
1 лажица цимет
1/4 шоља кокосово масло стопено
3 лажици мед (или друг засладувач)
1 јајце (опционално, убаво е ама не мора)
1/2 лажица екстракт од ванила
1/4 лажица хималајска сол
ЗА КОРАТА
2 шољи изблендирани бадеми (да се добие смеса како брашно)
1/2 шоља овесно брашно
1/2 шоља пченкарен скроб (густин)
1/4 лажица хималајска сол
1/4 шоља кокосово масло
3 лажици мед (или друг засладувач)
1 лажица екстракт од ванила
ПОДГОТОВКА
Прво се прави филот.
Исечете ги крушките на тенки парчиња и ставете ги во сад.
Додајте ги сите останати намирници и измешајте ја смесата додека сите состојки не се соединат.
Потоа се прави кората.
Во еден сад додатете ги сите суви состојки и измешајте додека сите не се соединат.
Во друг поголем сад ставете ги сите мокри состојки и исто така измешајте.
Потоа додавајте ја сувата смеса во садот со мокрите состојки, меѓутоа додавате постепено. Оформете тесто со раката.
Ставете го тестото на фолија за печење и одозгора ставете уште едно парче од фолијата за печење. Одозгора, врз горната хартија исукајте го тестото со сукало додека не ви стане потенко.
Ставете го филот и полека внимателно со долата хартија затворајте ја галетата. Види слика за пример како.
* доколу имате повеќе фил не го ставајте целиот, да не е преполна галетата. Тој можете засебно да си го испечете.
На крајот опционално ако сакате попрскате со кокосов шеќер.
Се пече 25 до 30 минути на 170 степени или додека кората и филот не зарумени.
Нека ви е на здравје. Се надевам ќе ви се допадне.
Поздрав и убав ден
М